„Тиквеш“ и оваа година ќе откупи најголема количина грозје, по највисоки цени на пазарот 

Постапувајќи согласно законската обврска дефинирана во членот 23, став 3 од Законот за вино, винарската визба „Тиквеш“, пред официјалниот старт на годинешниот откуп кој вообичаено почнува на први август, ги објави цените по шеќерни единици за секоја сорта винско грозје кое планира да го откупи. „Тиквеш“ е првата и засега единствена домашна винарница која доследно ја испочитува оваа законска обврска.  Согласно објавениот ценовник и сознанијата што ги има винарницата, и оваа година, ВВ „Тиквеш“ ќе ја продолжи практиката од изминатите години и ќе откупи најголема количина грозје, по највисоки цени на пазарот. 

Конкретно, планирано е и оваа година, „Тиквеш“ да прими и обработи над 30 милиони килограми квалитетно грозје. Притоа, основната цена по која оваа година ќе се откупуваат најзастапените сорти е дефинирана на 18 денари за килограм смедеревка и 20 денари за вранец, што претставува зголемување од 8% до 19% во однос на минатогодишната цена, која исто така беше зголемена од 20% до 35% во однос на 2022 година. Со ваквите зголемувања на цените на грозјето, ВВ „Тиквеш“ целосно ги амортизираше ефектите од порастот на трошоците и инфлацијата, која во 2023 година изнесуваше 9,4% на годишно ниво, а оваа година се намали на 3,2%.  

Истовремено, согласно на својата трајна определба да го стимулира и наградува производството на висококвалитетно грозје кое е неопходно за производство на врвни вина со премиум квалитет кои се бараат од потрошувачите, „Тиквеш“ и оваа година нуди дополнителен бонус за грозје предадено во гајби, како и за грозје со висок квалитет кое е произведено согласно светските стандарди и критериуми за квалитет. Бонусот за грозјето предадено во гајби и цените на грозјето со екстра квалитет се зголемени и до 25% во однос на минатата година. 

Дополнително, со цел да обезбеди квалитетно грозје, како основен предуслов за производство на врвни вина, „Тиквеш“ ја продолжи интензивната комуникација со лозарите која се одвива во рамки на воспоставената долгорочна платформа за стратешката соработка. Како дел од оваа платформа, винарница им обезбедува на своите партнери – лозарите, континуирана поддршка во текот на целата година, давајќи им стручни совети и едукација за начинот како да постапуваат во процесот на одгледување и заштита на лозјата, како и препарати и средства за заштита на лозјата со пониски цени. За лозарите со долгорочни договори и оние кои можат да понудат највисок квалитет, ВВ „Тиквеш“ им гарантира исплата на откупеното грозје во многу пократки рокови од законски дефинираните.

 

Можеби ќе ве интересира...

25 ГОДИНИ УСПЕШНО ДЕЛОВНО РАБОТЕЊЕ: РЕХАУ отвори нов изложбен салон во Македонија

BiznisPRO

Аплицирај и активирај ја твојата Mastercard Contactless на Халкбанк и добиј вредносен ваучер

BiznisPRO

Донација од 2 милиони денари за Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје од Спорт Лаиф Обложувалници

BiznisPRO