Викторија Глигорова од Народната банка: Банкарскиот систем во нашата земја и натаму е сидро на стабилноста

„И покрај периодот на продолжени последователни шокови од невидени размери, активностите на банкарскиот систем и натаму растат и тој е стабилен и во услови на силна капитална и ликвидносна позиција. Силната капитална позиција на банките, којашто постојано се подобрува, придонесува за највисока стапка на адекватност на капиталот од 2007 година наваму, до нивото од 18,1% на крајот на 2023 година. Нивото на квалитетот на капиталот е највисоко, каде што над една третина од сопствените средства на банките им служат како заштитен слој или се „слободни“ и може да се користат за справување со различни предизвици. Тоа во голема мера е резултат на зајакнувањето на регулаторната и супервизорската рамка и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка, меѓу другото и преку воведување и постепено зголемување на противцикличниот капитален заштитен слој, од 0,5% од август 2023 година до 1,5% од јануари 2025 година“, истакна Викторија Глигорова, директорката на Секторот за супервизија во Народната банка, на втората конференција за управување со ризиците „Ризиците движат – Quo vadis?“, организирана од факултетот Хајделберг во Скопје.

Глигорова нагласи дека и во услови на затегната монетарна политика, минатата година банките обезбедија солидна кредитна поддршка, со раст од 4,3% на кредитите. Беше забележан и засилен раст на вкупната актива од 9,1% и на депозитите од 9,2%, особено на страната на домаќинствата. Стапката на нефункционалните кредити во вкупното кредитно портфолио е ниска веќе подолг период, а ограничено е и остварувањето на кредитниот ризик поради усогласувањето со регулативите на ЕУ, што доведе до воедначување на пристапот за определување на нефункционалниот статус на кредитите. Глигорова истакна дека поради неизвесноста и предизвиците од глобалното опкружување коишто и натаму постојат, има потреба од внимателно следење на квалитетот на портфолиото на банките, вклучително и на евентуалното остварување на индиректниот кредитен ризик и навременото признавање на кредитните загуби.

„Народната банка постојано презема мерки за јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, будно ги следи сите промени и е подготвена да ги преземе сите потребни мерки што се во нејзина надлежност. Еден од новите приоритети и стратегиски определби на централните банки, вклучувајќи ја и нашата централна банка, е ризикот од климатските промени. Оттаму, Народната банка има усвоено Среднорочен план во доменот на управувањето со климатските ризици 2023 − 2025 година, усвоени се Насоките за банките за управување со ризиците поврзани со климатските промени, а од април годинава Народната банка објавува преглед со „зелени“ показатели, чија цел е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, којашто е суштинска при изработката на анализи и носењето политики“, истакна Глигорова. Осврнувајќи се на новите технологии во финансиите, Глигорова порача дека паралелно со следењето на светските трендови при воведувањето нови типови дигитални банкарски услуги, неопходно е и воведување соодветни организациски и технички мерки за заштита од нападите од дигиталниот простор. Таа истакна дека управувањето со ризиците од дигиталниот простор од страна на банките ќе биде дел од супервизорските приоритети и за следниот период.

Можеби ќе ве интересира...

Германската компанија Адидас пријави годишна загуба за прв пат од 1992 година

BiznisPRO

Познатата минерална вода „Књаз Милош“ во рацете на чешка компанија

BiznisPRO

Најголемиот производител на месо во Данска ќе отпушти стотици вработени

BiznisPRO