Волстрит ослабе на почетокот на неделата

На Волстрит, берзанските индекси паднаа вчера, бидејќи инвеститорите останаа внимателни откако цените на акциите се искачија на рекордно ниво минатата недела.

Dow Jones загуби 0,41 отсто, на 39.313 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,31 отсто, на 5.218 поени, а индексот Nasdaq 0,27 отсто, на 16.384 поени.

Минатата недела индексите скокнаа за повеќе од 2 отсто, што е нивна најголема неделна добивка оваа година, откако челниците на американската централна банка останаа на своите проценки дека оваа година би можеле трипати да ги намалат каматните стапки.

Ова ги охрабри инвеститорите бидејќи се плашеа дека ФЕД ќе го одложи намалувањето на каматните стапки во јануари и февруари поради зголемената инфлација во САД. На пазарот позитивно влијаеше и зголемувањето на прогнозата на лидерот на ФЕД за економски раст оваа година од претходните 1,4 на 2,1 отсто.

Сепак, сите добри вести веќе се вградени на пазарот, кој расте веќе петти месец по ред, па прашање, велат аналитичарите, е дали се уште има простор за раст на цените на акциите.

Во фокусот на инвеститорите оваа недела ќе бидат новите податоци за инфлацијата во САД и европските земји, кои би можеле да укажат кога централните банки ќе почнат да ги намалуваат каматните стапки.

Минатата недела инвеститорите беа пријатно изненадени од швајцарската централна банка, која неочекувано ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени на 1,5 отсто.

Таа е првата голема централна банка која ги намали каматните стапки, по долгиот циклус на затегнување на монетарната политика, што на пазарот се гледа како прв сигнал дека борбата против инфлацијата во западните земји е речиси добиена.

Внимателно вчера се тргуваше и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,17 отсто, на 7.917 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,30 отсто, на 18.261 поен. Парискиот CAC остана речиси непроменет на 8.151 поен.

Можеби ќе ве интересира...

Хаос во нафтената индустрија: Нарушен пазар

BiznisPRO

Шведскиот моден гигант затвора четвртина од своите продавници овде

BiznisPRO

ИМА ОДЛУКА ЗА ГОРИВАТА: Ново намалување на цените на бензините, но лоши вести за оние кои возат на дизел – еве ги новите цени

BiznisPRO