Членките на Европската унија во 2023 година извезле 867.000 тони чоколадо во земји надвор од ЕУ, што е зголемување за два отсто во однос на 2022 година и за околу 35 отсто повеќе во однос на 2013 година, објави денеска Евростат.
Заводот за статистика на ЕУ наведува дека лани најголем извозник на чоколадни производи надвор од ЕУ била Германија со 221.000 тони (или 26 отсто од вкупниот извоз), пред Холандија со 123.000 (14 отсто) и Полска со 115.000 (13 отсто).
Следат Белгија (96.000 тони) и Италија (92.000 тони), со удел од 11 отсто во извозот.
Еуростат наведува дека најголем увозник на чоколадо од ЕУ била Велика Британија со 315.000 тони (36 отсто), потоа САД со 72.000 тони (осум отсто) и Русија со 65.000 тони (седум отсто).
Земјите од Европската унија главно увезуваат чоколадо од Швајцарија, која води со 62.000 тони (36 отсто), Велика Британија со 61.000 тони (36 отсто) и Украина со 22.000 тони (13 отсто).
Сепак, производителите се соочени со енормно поскапување на основната суровина, бидејќи само овој месец какаото поскапе за околу 60 отсто, а годинава поради лошите временски услови и болестите на земјоделските култури, цените се зголемени повеќе од двојно.
Трговците се загрижени за последиците од климатскиот феномен Ел Нињо, кој предизвикува суши во Западна Африка, област каде што се произведуваат 75 отсто од оваа суровина, клучна за производство на чоколадо.
Какаото се произведува првенствено во Гана и Брегот на Слоновата Коска.
Велигденските чоколадни јајца веќе поскапеа поради повисоките трошоци за какао, а некои производители ја намалуваат големината на слатките или промовираат задоволства со други состојки за да го ублажат поскапувањето, пренесува Yahoo Finance.