НЛБ Банка одбележува две години од своето патронство над Асоцијацијата за цистична фиброза. Преку низа активности за зголемување на свесноста и унапредување на животот на лицата со цистична фиброза во изминативе две години, НЛБ Банка ја потврдува својата посветеност да направи значајна разлика за оние кои живеат со оваа ретка состојба.
Еден од најголемите проекти реализирани во изминативе две години е комплетната реконструкција на Одделот за цистична фиброза при Универзитетска клиника за детски болести во Скопје, за која неодамна со поддршка на НЛБ Банка беше набавен и вибромасажер за физикална терапија во болнички услови, неопходен во третманот на пациентите.
„Ова патронство е многу повеќе од финансиска поддршка. Ние две години стоиме покрај пациентите со цистична фиброза кои се соочуваат со бројни предизвици, искористувајќи ја секоја можност за засилување на нивниот глас. Како патрон и поддржувач на Асоцијацијата, говорејќи за оваа болест, веруваме дека значително ја зголемуваме свесноста за цистичната фиброза, но и за сите лица кои се справуваат со некоја ретка болест.“– истакнуваат од НЛБ Банка.
Не помалку значајни се и донациите на Банката во медицински помагала кои ги користат пациентите со цистична фиброза во домашни услови – спирометри, инхалатори, стерилизатори и помагала за физикална терапија кои ги користат сите пациенти на возраст над 4 години, а служат за прочистување на белодробието на пациентите од секреција.