Дурмиши: Нови дигитални алатки и посилна инспекција за заштита на работниците

Започнувањето на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“ претставува значаен чекор во унапредувањето на националната политика за безбедност и здравје при работа, истакна денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши во своето обраќање на официјална промоција на Проектот.

„Заштитата на здравјето и животот на работниците е темелна вредност и законска обврска, но пред сè морална должност на сите. Со овој проект почнуваме нова фаза во која ќе создадеме модерен систем, со јасна стратегија, дигитални алатки и посилна инспекција. До 2028 година, нашата цел е земјата да има нова, современа рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со највисоките стандарди на МОТ и ЕУ. Превенцијата е најдобрата инвестиција – во луѓето, во компаниите и во иднината на економијата“, порача Дурмиши.

Проектот е насочен кон намалување на бројот на повреди и професионални заболувања на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на системот за инспекција на трудот, воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа и унапредување на националните капацитети за управување и обезбедување услуги во оваа област.

„Светот на работните односи се менува – брзата дигитализација, новите форми на вработување и економските предизвици бараат систем кој предвидува, спречува и штити. Владата на Република Северна Македонија ја постави безбедноста и здравјето при работа како еден од приоритетите на трудовите политики. Законот сами по себе не е доволен – потребни се функционални институции, инспекции и континуирани обуки“, додаде министерот.

Проектот, чија реализација ќе трае до октомври 2028 година, се спроведува со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и финансиска помош од Европската Унија. Министерот Дурмиши истакна дека со заедничка работа на Владата, работодавачите, синдикатите и експертите, Северна Македонија ќе создаде посигурни и поздрави работни средини, каде што безбедноста ќе биде темел на економскиот развој.

Можеби ќе ве интересира...

Курсна листа за 3. октомври 2024

BiznisPRO

Девизните резерви зголемени за 41,9 милиони евра

BiznisPRO

Усвоена Програмата за работа за 2025 година ‒ во центарот на вниманието се основните цели и развојните активности за натамошно градење на институционалниот капацитет на Народната банка

BiznisPRO