„ Измени и дополнувања на Законот за енергетска ефикасност: Пониски сметки, почист воздух, тројно зголемена заштеда и задолжителни соларни системи во јавните згради“

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) подготви измини и дополнувања на Законот за енергетска ефикасност, со кој се прави суштински исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, намалување на емисиите на стакленички гасови и интеграција на обновливите извори на енергија (ОИЕ).

Со предложеното законско решение се обезбедува усогласување со ЕУ стандардите, се поттикнуваат економски придобивки и се овозможуваат законски придобивки за граѓаните, кои би довеле до пониски сметки за енергија, подобра заштита на животната средина и отворање на нови зелени работни места.

Клучни новини од измените и дополнувањата на Предлог-законот: се

  1. воведување на европскиот принцип „Енергетска ефикасност на прво место“
    Јавниот сектор, енергетските компании и потрошувачите ќе бидат обврзани да ги применуваат најдобрите трошковно-ефективни мерки за оптимизација на енергетските системи, вклучително и технологии базирани на ОИЕ.
  2. Долгорочна стратегија за реконструкција на згради
    Владата, на предлог на МЕРМС, ќе усвои 20-годишна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални објекти, кои ќе се трансформираат во енергетски ефикасни згради со речиси нулта потрошувачка. Оваа стратегија предвидува интеграција на соларни системи и други ОИЕ.
  3. Тројно зголемена заштеда во јавниот сектор
    Годишната цел за заштеда на енергија во јавните згради се зголемува од 1% на 3%, со задолжителна реконструкција на најмалку 3% од вкупната површина на јавните објекти секоја година. Односно МЕРМС, во соработка со СОЗР при Владата, подготвува предлог план за реконструкција на згради од јавниот сектор на државно ниво, кој на годишно ниво опфаќа реконструкција на најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на зградите објавени во списокот од на зградите со вкупна корисна подна површина над 250 m2 кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики, кои се во сопственост и се користат од страна на лицата од  јавниот сектор на државно ниво.
  4. Задолжителни сончеви колектори во јавни згради
    При изградба или значајна реконструкција на училишта, градинки и други јавни институции ќе се вградуваат сончеви колектори за топла вода, каде што е технички и економски изводливо.
  5. Финансиска поддршка за енергетска трансформација
    МЕРМС воспоставува финансиска поддршка и финансиски механизми за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии.
  6. Нови регулативи и годишни програми
    Владата ќе донесува уредби и програми за поддршка на реконструкцијата на домувања, јавни и комерцијални згради. За спроведување на годишна програма за мерките за поддршка за реконструкција на зградите за домување, јавните и комерцијалните згради, МЕРМС ќе објавува јавни повици за доделување на право на користење на мерки за поддршка на енергетската ефикасност и во постапка на јавна набавка ќе врши избор на правни лица за изведување на работи за реконструкција за поголема енергетска ефикасност.
  7. Дигитална транспарентност
    Се создава законска можност за функционирање на МВП алатка со која ќе се врши мониторинг и верификација и се очекува преку неа да се обезбеди прецизно следење на ефектите од мерките и постигнатите заштеди.
  8. Високи стандарди во јавните набавки
    Јавните институции ќе бидат обврзани да набавуваат производи, возила и згради со највисоки енергетски и еколошки стандарди.
  9. Обврзувачка шема за енергетска ефикасност (ОШЕЕ)
    Владата ќе воведе ОШЕЕ и/или алтернативни мерки за постигнување на конкретни цели за заштеда на финална енергија, со фокус на операторите и институциите.
  10. Професионализација на енергетските контроли
    Енергетските контролори повторно ја добиваат клучната улога во спроведувањето на политиките за енергетска ефикасност. Ќе се спроведуваат испити и обуки како основа за издавање на сертификати за енергетски карактеристики на згради, кои како обврска се задолжителни пред издавање на употребни дозволи, но низ изминатите години по сила на закон беа само   продолжувани  по службена должност.
  11. Сертификати во катастар
    Сите сертификати за енергетски карактеристики на згради ќе бидат задолжително запишани во Катастарот на недвижности.
  12. Локален напредок преку меѓуопштинска соработка
    Општините со помалку од 15.000 жители ќе можат заеднички да развиваат програми за енергетска ефикасност. Само општини со усвоена програма ќе имаат пристап до Фондот за енергетска ефикасност.
  13. Правна сигурност и континуитет
    Се гарантира валидност на постојните уверенија за енергетски контролори, додека новите критериуми стапуваат во сила по една година.
  14. Целосна имплементација на политиките
    МЕРМС ќе ги подготви подзаконските акти што недостасуваа изминатите пет години, со што ќе се обезбеди директен ефект врз граѓаните, државата и економијата – пониски сметки за енергија, почиста животна средина, отворање нови работни места и усогласување со европските стандарди.

Со овие измени и дополнувањеа се создава правна, економска и социјална рамка која ги намалува трошоците за граѓаните, бизнисите и јавниот сектор, го забрзува усвојувањето на обновливи извори на енергија, отвора нови работни места во зелените технологии и градежништвото, ја доближува земјата кон европските стандарди и климатска неутралност.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува целосно посветено на реализацијата на реформите во енергетскиот сектор и на исполнување на европските стандарди. По веќе усвоениот Закон за енергетика, до крајот на годината се очекува да бидат донесени и Законот за енергетска ефикасност, Законот за користење на енергијат од  обновливи извори , Законот за рударство и Законот за геологија и Законот за концесии на добра од општ интерес и Законот  за јавно-приватно партнерство. Со ова, Министерството ја потврдува својата визија за стабилен, одржлив и конкурентен енергетски сектор кој ќе обезбеди почиста животна средина, енергетска сигурност и подобар квалитет на живот за сите граѓани.

Можеби ќе ве интересира...

Нови цени на горивата во вторник

BiznisPRO

Синдикатите бараат 500 евра минимална плата, но најверојатно таа ќе биде 24.500 денари

BiznisPRO

Народната банка и централната банка на Германија ја продлабочуваат соработката за зајакнување на институционалните капацитети

BiznisPRO