Партнерски однос за економски развој: Стопанската комора и Фискалниот совет потпишаа договор за соработка

Стопанската комора на Северна Македонија и Фискалниот совет на Република Северна Македонија потпишаа договор за соработка, со кој се поставува основа за редовна комуникација и партнерски однос во клучни области како што се макроекономските движења, монетарната и фискалната рамка и управувањето со јавните финансии. Целта е да се зголеми взаемната информираност во функција на максимизирање на предвидливоста на бизнис амбиентот за економските субјекти.

Договорот, кој го потпишаа претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и претседателот на Фискалниот совет, д-р. Глигор Бишев, предвидува размена на податоци, анализи, извештаи и мислења што се од взаемен интерес, што ќе овозможи подлабока координација меѓу двете институции. Исто така, договоренa е можноста за заедничко учество во проекти, програми и анализи.

Покрај тоа, двете страни ќе соработуваат во организирање обуки, едукативни настани и работилници на теми кои ги засегаат актуелните економски предизвици. Соработката ќе вклучува и меѓусебна стручна поддршка со цел пронаоѓање најповолни решенија за сложените економски прашања со кои се соочува државата.

Фискалниот совет е избран од страна на Собранието. Станува збор за независно тело чија цел е да дава независни стручни мислења за фискалните политики и стратегиските документи и извештаи, како и да го надгледува спроведувањето на фискалните правила, заради обезбедување макроекономска стабилност и фискална одржливост. Првиот состав на Фискалниот совет го сочинуваат: (претседател) проф. д-р. Глигор Бишев, по предлог на Народната банка и членовите: академик Абдулменаф Беџети, предложен од МАНУ и д-р Марина Трпеска, редовна професорка на Економскиот факултет на УКИМ, предложена од Државниот завод за ревизија.

Можеби ќе ве интересира...

Македонците се’ повеќе одат на гурбет во Хрватска, но непалците и индијците го завзедоа тронот во бројност на издадени работни дозволи

BiznisPRO

Цените на нафтата се искачија над 83 долари, проблеми поради нападите врз руските рафинерии

BiznisPRO

Падна индустриското производство во еврозоната

BiznisPRO