УНДП се приклучува на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, Министерството за енергетика го поздрави партнерството

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) го официјализираа своето партнерство во насока на поддршка на праведна, сигурна и достапна енергетска транзиција во земјата.
Двете институции денеска потпишаа Заедничка декларација со која УНДП и официјално беше поздравена како партнер на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (Just Energy Transition Investment Platform – JETIP), со што дополнително се зајакнува државниот капацитет за спроведување на овој стратешки процес.

Инвестициската платформа (JETIP) претставува клучен владин координативен механизам. Нејзината цел е да ги поврзе приоритетните енергетски инвестиции – како што се обновливите извори, преносните мрежи, складирањето енергија и флексибилноста на системот – со конкретни мерки за праведна транзиција. Ова вклучува преквалификација на работната сила, поддршка за малите и средните претпријатија и директно вклучување на заедниците во регионите кои традиционално зависат од јаглен.

„Преку Инвестициската платформа ја градиме основата за долгорочна и координирана енергетска транзиција која ги поврзува инвестициите, политиките и потребите на граѓаните. Партнерството со УНДП е значајно бидејќи дополнително ја зајакнува поддршката за заедниците и локалните чинители кои се директно засегнати од транзицијата. Соработката со УНДП ќе придонесе кон следната фаза на имплементација на JETIP преку поддршка на локалниот развој, инклузивното планирање и зајакнување на капацитетите за спроведување на праведната транзиција преку поддршка на засегнатите страни и локалните заедници“, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска на настанот, поздравувајќи го партнерството со УНДП.

За Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), пристапувањето кон Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција претставува стратешка пресвртница и клучен чекор напред во партнерството со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Одбележувајќи го ова партнерство, Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП, истакна дека пристапувањето кон JETIP отвора клучни можности за поблиска соработка со меѓународните финансиски институции и развојните партнери во рамки на целосно координирани напори.

„Земјава покажа огромно лидерство во однос на климата со својата амбициозна цел за намалување на емисиите на стакленички гасови за 82% до 2030 година“, изјави Григорјан. „JETIP е моторот што ќе ја претвори оваа амбиција во reaлност, со цел да се воведат 1,7 гигавати капацитет за обновлива енергија и да се мобилизираат масовни инвестиции за модернизација на мрежата, складирање на енергија и мерки за праведна транзиција. УНДП носи значајна додадена вредност во платформата преку нашата експертиза. Влијанието на овој пристап веќе го гледаме преку Програмата „Зелен финансиски инструмент“ за инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност за домаќинствата и малите и средните претпријатија, која е финансирана од Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој, Владата и Европската банка за обнова и развој“, истакна Григорјан.

Процесите во рамките на JETIP се спроведуваат со помош на Единицата за техничка поддршка, која е основана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје, со поддршка од Bloomberg Philanthropies. Оваа единица овозможува секојдневна координација и ефикасна комуникација меѓу сите засегнати страни, предводени од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и партнерите на платформата.

фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Можеби ќе ве интересира...

УЈП со важна вест до бизнисите

BiznisPRO

Стратешко созревање – каде сме и каде одиме? Лидерството и човечките ресурси како главни постулати за економски раст и развој

BiznisPRO

Поскапија угостителските услуги – оваа година плаќаме поскапо кафе и јадеме поскапа храна по локалите

BiznisPRO