Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се одржа координативен состанок со претставници на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Геолошкиот завод, на кој беа разгледани можностите за заедничко учество во европски истражувачки проекти, како и иницијативи за унапредување на геолошките истражувања и подобро искористување на минералните и геотермалните ресурси во државата.
Централна тема на состанокот беше можноста за заедничко учество на повикот во рамките на Хоризон Европа, насочен кон процена на ресурсите во длабоки седиментни и длабински резервоари. Разгледана беше можноста за формирање меѓународен конзорциум и за вклучување странски партнери со искуство во геолошки и геотермални истражувања.
Целта е преку заеднички проект да се придонесе кон подобро утврдување на геотермалниот потенцијал на државата, преку анализа на расположливите геолошки, геофизички податоци, лабораториски испитувања, моделирање и, доколку техничките и проектните услови го овозможат тоа, истражувачко бушење и добивање јадро за понатамошни научни испитувања.
Во рамките на разговорите беше истакната и потребата од системски пристап кон критичните минерални суровини, имајќи го предвид нивното растечко значење за енергетиката, новите технологии и економскиот развој. Во таа насока беше разгледана иницијатива за подготовка на Програма за истражување на критичните минерални суровини, преку која би се дефинирале приоритетите и идните активности за истражување на нивниот потенцијал во државата со вклучување на стручните и научните капацитети на Факултетот за природни и технички науки при УГД.
На состанокот беше отворено и прашањето за Сивец, како препознатлива домашна минерална суровина, при што беше предложено да се разгледаат можностите и условите за негова соодветна заштита и препознатливост преку географска ознака.
Дополнително, беше иницирана подготовка на Каталог на минералните суровини, кој треба систематизирано да ги претстави расположливите информации за минералните суровини и нивниот потенцијал. Идејата е каталогот да придонесе кон подобра достапност и прегледност на геолошките информации, како основа за понатамошни истражувања, планирање и промоција на минералниот потенцијал на државата.
За реализација на активностите беше истакната потребата од зајакната соработка меѓу Министерството, Геолошкиот завод, Универзитетот „Гоце Делчев“ и други научни и стручни институции, како и од активно вклучување во европските програми за истражување и развој.
Во однос на повикот од Хоризон Европа, учесниците се согласија да се работи на подготовка на заеднички проектен концепт и на идентификување соодветни странски партнери. Како потенцијални партнери беа разгледани геолошки и стручни институции од Хрватска, Словенија и Германија.
Со овие активности, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го насочува фокусот кон систематско истражување на домашниот геолошки потенцијал, развој на геотермалната енергија, подобро познавање на критичните минерални суровини и создавање стручна основа за долгорочно и одржливо управување со минералните ресурси.
