Институтот за меѓународни финансии прогнозира пад од 15 проценти на руската економија

Руската економија ќе има пад од околу 15 отсто во 2022 година под влијание на острите санкции воведени поради нејзиниот напад врз Украина, се наведува во анализата на Институтот за меѓународни финансии (IIF).

Институтот ја намали својата прогноза за растот на бруто домашниот производ (БДП) на Русија за 2022 година за 18 процентни поени во однос на претходната проценка за раст од 3,0 отсто.

Пред војната, IIF предвидуваше дека економијата на Русија ќе забележи раст од три проценти во 2022 година, но сега тврди дека санкциите наметнати по руската инвазија на Украина „доведоа до драстично и невидено заострување на финансиските услови, знак за длабока рецесија“.

„Понатамошната ескалација на војната може да доведе до поголем бојкот на руската енергија, што драстично ќе ја наруши способноста на Русија да плаќа за увоз на стоки и услуги, продлабочувајќи ја рецесијата“, се вели во анализата на IIF потпишана од група нејзини економисти.

Економскиот пад се проценува дека ќе биде двојно поостар од руската рецесија за време на глобалната финансиска криза во 2008 година.

Во исто време, Институтот не очекува дека проблемите со кои се соочува руската економија ќе се прелеат на пазарите во развој.

„Веруваме дека Источна и Западна Европа ќе бидат погодени поради нивната извозна изложеност кон Русија, што е нешто што пазарите само што почнуваат да го проценуваат“, се додава во документот.

Според економистите на IIF, Латинска Америка ќе остане главно недопрена, додека ефектите врз Африка и делови од Азија, вклучително и Кина, ќе бидат умерени. Директното влијание варира во зависност од изложеноста на секоја земја кон цените на стоките, без разлика дали се работи за увозници или извозници.

Од друга страна, како што се додава, штетните последици главно ќе ја погодат Источна Европа преку трговијата и увозниците на стоки преку поскапувањето на нафтата и пченицата, а во анализата се потенцираат Турција и Египет како најизложени на тие ризици (нафта и пченица).

Институтот забележува дека Турција се издвојува по цените на нафтата, кои се крајно негативни за увозниците на енергија. Барел нафта годинава се зголеми од околу 78 долари на над 120 долари на лондонската берза.

„Секое зголемување на цената на нафтата од 10 долари ќе го продлабочи дефицитот на тековната сметка на Турција во 2022 година за 0,3 процентни поени, зголемувајќи ја нејзината зависност од приливот на странски капитал во време кога глобалниот апетит за ризик е разнишан“, посочува Институтот.

Можеби ќе ве интересира...

Наскоро во Германија големо зголемување на платите: Покачувања и до 500 евра, еве кој

BiznisPRO

Цените на храната во светот пораснаа за 30 отсто

BiznisPRO

ОПЕК очекува поголема побарувачка за нафта на почетокот на 2022 година

BiznisPRO