Цените на нафтата речиси непроменети

НА СВЕТСКИТЕ ПАЗАРИ, минатата недела цените на нафтата останаа речиси непроменети на неделно ниво, но во текот на неделата значително флуктуираа, во зависност од вестите кои можат да влијаат на понудата и побарувачката. На лондонскиот пазар цената на барелот на крајот на минатата недела изнесуваше 80,58 долари, речиси исто како и една недела претходно, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,5 отсто, на 75,55 долари.

На пазарот владее неизвесност во пресрет на состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници за производната политика, што ќе се одржи на 30 ноември. Тој состанок требаше да се одржи на 26 ноември, но беше одложен за четири дена, што предизвика бран шпекулации за спор околу намалувањето на производството следната година.

Производителите сè уште дебатираат за снабдување, велат извори од ОПЕК +, сугерирајќи дека три африкански земји се во коренот на несогласувањето. Аналитичарите велат дека Ангола, Конго и Нигерија бараат повисоки производствени квоти во 2024 година од договорените на состанокот на групата во јуни.

Намалувањето на производството ќе биде главна тема на состанокот, со оглед на падот на цените во последните денови поради загриженоста за побарувачката во САД и Кина, но и поради рекордното производство во САД.

Во петокот, три извори од ОПЕК изјавија дека се блиску до компромис со африканските производители за производството во 2024 година. „Се чини дека најверојатниот исход е продолжување на тековниот договор за намалување на производството“, вели Тони Сајкамор од ИГ.

Ова е всушност единствениот начин да се одржи цената на нафтата на сегашното ниво, бидејќи високите каматни стапки го забавуваат растот на западните економии, што ќе ја ослаби побарувачката за нафта и ќе изврши притисок врз цените. На лондонскиот пазар цената на барелот е во минус во однос на почетокот на годината за околу 6 отсто, а на американскиот пазар за околу 5,5 отсто.

Можеби ќе ве интересира...

Индија би можела да стане трета светска економија до 2027 година

BiznisPRO

А1 ја објави својата новогодишна понуда

BiznisPRO

Падна цената на нафтата на светските берзи

BiznisPRO