ЕВН Хоме како Универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули-декември 2024 ги доби следните понуди:
• За 85% од потребите на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, доби само една понуда, и тоа од компанијата АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 60 евра за мегаватчас, додека
• За 15% од потребите на Универзалниот снабдувач, беа добиени три понуди, од компаниите Дуферцо МК, ЕСМ Продажба и Соле24, со понудени цени кои беа за околу два и пол пати повисоки, во однос на понудената цена на АД ЕСМ за 85% од потребите.
Управниот одбор на ЕВН Хоме донесе одлука да ја прифати понудата од АД ЕСМ за 85% од потребите, додека за останатите потреби од 15%, понудите на компаниите не беа прифатени од страна на ЕВН Хоме поради значително повисоките цени во однос на пазарните во моментот.
Како резултат на тендерската постапка спроведена неодамна, од 1 јули 2024 година ЕВН продолжува да врши снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи. Договорот со Владата за обезбедување на универзална услуга е потпишан на 18.06.2024 година, по што следува процес на лиценцирање во Регулаторната комисија за енергетика. Овој процес кој е неопходен за обезбедување на континуитет во снабдувањето со електрична енергија преставува голем предизвик, поради краткиот рок до престанувањето на важноста на постојната лиценца, како и отворените прашања во однос на начинот на кој ќе се пристапи кон продолжувањето на лиценцата за периодот од следните 5 години.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.