Германија полна – 90,8 отсто

Пред почетокот на вистинската зима, германските складишта на гас се речиси полни и залихите се доволни за два до три месеци просечна зимска потрошувачка.

Ова го покажуваат податоците на европскиот оператор за гасна инфраструктура GIE во петокот.

Според податоците на веб-страницата GIE, капацитетите за складирање на гас во Германија се на 90,8 отсто, а во целата Европска унија на 87 отсто.

Складиштата за гас служат за амортизирање на врвовите на потрошувачката на пазарот на гас. Обично се полнат во топлите месеци, а се празни во студената сезона. Благата есен оваа година го олесни полнењето.

„Умерените температури во ноември и декември ја намалија потрошувачката и немаше ненадејно празнење на складиштата“, рече Себастијан Хајнерман, шеф на германското здружение на оператори за складирање INES.

Во летото 2022 година Германија го загуби пристапот до рускиот гас, со кој претходно покриваше најголем дел од потрошувачката. Според податоците на Федералната агенција за мрежни системи, сега најголемиот дел од тој енергенс се увезува преку гасоводи од Норвешка, Холандија и Белгија.

Норвешка е главен производител на фосилни горива, а Белгија и Холандија имаат терминали за увоз.

Гасот во Германија пристигнува и преку новите терминали за прием на течен гас на брегот на Северното Море, како и од Швајцарија и Данска.

Можеби ќе ве интересира...

ПАДНА ОДЛУКА: Дизелот поскапува, бензинот поевтинува – еве колку ќе чини литар гориво оваа недела

BiznisPRO

Позната банка затвора филијали низ целата земја

BiznisPRO

Растат цените на нафтата на светскиот пазар – „Ризикот останува, можноста за проширување на конфликтот на Блискиот Исток“

BiznisPRO