Годишната стапка на инфлација во Грција падна во мај од 3,1 отсто во април на 2,4 отсто, објави денеска грчкиот институт за статистика ЕЛСТАТ.
Цените на храната и безалкохолните пијалоци се зголемија во мај за 3,1 отсто на годишно ниво, забавувајќи се во однос на априлските 5,4 отсто, а цените во грчкото здравство се зголемија за 2,2 отсто на годишно ниво во однос на априлските 3,6 отсто.
За разлика од нив, цените на облеката и обувките се зголемени за 6,4 отсто на годишно ниво, а на превозот за четири отсто, што претставува забрзување во однос на април.
Во мај алкохолните пијалоци и тутунот поскапеле за 1,6 отсто на годишно ниво, во рекреација и култура за 2,2 отсто, а во образование за 3,5 отсто.
На месечна основа, цените во Грција паднаа за 0,3 отсто во однос на април.
Просечните цени во Грција за периодот јуни 2023 до мај 2024 година се зголемени во просек за 2,8 отсто во однос на годишниот период до мај 2023 година.
Грчкиот завод за статистика неодамна објави дека годишната стапка на невработеност во Грција за април 2024 година изнесува 10,8 отсто, што е помалку од истиот месец лани кога изнесувала 11,5 отсто.