За поголем економски развој клучно е поголемо вклучување на женскиот лидерски потенцијал

Поголемото учество на жените на лидерски позиции поттикнува развој и носи просперитет во секое општество. Ова го истакнаа учесничките на настанот што се одржа под мотото „Заедно успешни – ослободување на женскиот лидерски потенцијал“. Настанот го организираше АХК Сeверна Македонија, како дел од мрежата на германските стопански комори во странство и Македонско – Германското стопанско здружение заедно со својата премиум членка ЕОS Матрих ДООЕЛ Скопје, која воедно беше и домаќин на овој настан. Тој се одржува втора година по ред, а е дел од платформата АХК мрежа на деловни жени – Зајакнување на женското лидерство (AHK Woman Bussniess Network – Female Empowerment).
На настанот свои обраќања, покрај Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, имаа и Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОЅ Матрих С. Македонија и ЕОЅ Матрих Косово, Марија Дуковска – Павловска, генерална директорка на Макстил и Елена Младеновска – Јеленковиќ, извршна директорка на М6 Едукативен центар.
АХК мрежата на деловни жени – Зајакнување на женското лидерство (AHK Woman Bussniess Network – Female Empowerment) е платформа за жените менаџерки од компаниите членки на Македонско – Германското стопанско здружение.
„Се залагаме за јакнење на женското лидерство во економијата, воедно градиме и мрежа каде жените од деловниот свет можат да разменат лични искуства, да ги споделат предизвиците со кои се соочуваат на менаџерските позиции, да учат едни од други и да си бидат поддршка. Со споделување на конкретни искуства на успешни жени менаџерки сакаме да ги охрабриме и мотивираме идните генерации да се стремат кон успех и лидерски позиции во компаниите“, истакна Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија.
Настанот се одржа во просториите на ЕОЅ Матрих во Скопје, а пред присутните претставници на бизнис заедницата се обрати и генералната директорка на компанијата, д-р Катерина Бошевска.
„Современите општества се темелат на принципот на еднаквост, но сепак, само 10% од компаниите на „Форчн 500” (Fortune 500) се предводени од жени. Затоа треба да работиме да се примени целосно овој принцип и затоа важно е да се работи на зајакнување на женскиот лидерски потенцијал во сите сфери во општеството. Децениски студии покажуваат дека жените лидери помагаат да се зголеми продуктивноста, да се подобри правичноста и функционираат како повеќе трансформативни лидери од мажите. Тие го инспирираат својот тим, го тренираат својот тим, ја нагласуваат тимската работа и автентичната комуникација како клуч за успехот. Затоа е важно да го градиме лидерскиот потенцијал кај младите жени“, истакна Бошевска.
ЕОЅ Матрих е водечки финансиски инвеститор базиран на напредни технологии, а компанијата одбележа 20 години од своето работење на пазарот.
Како дел од мрежата на стопански комори, АХК Северна Македонија преку своите активности создава цврсти врски помеѓу македонските и германските компании, зајакнувајќи ја економската соработка помеѓу двете земји. Германија е традиционално еден од најважните трговски партнери. Во вториот квартал од 2023 година Германија е втора земја по висината на странските директни инвестиции, кои изнесуваат 56,9 милиони евра.

Можеби ќе ве интересира...

Ново поскапување на дизелот – Ова се новите цени

BiznisPRO

Ново значително поскапување на дел од горивата и денеска во Македонија – Цената на нафтата на светските берзи “беснее” и е на највисока точка оваа година

BiznisPRO

Лукаревска: Воведуваме „е-фактура“ во борбата против сивата економија

BiznisPRO