Втора недела по ред: Цените на нафтата во пад, сега под 85 долари

На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, вторпат по ред, бидејќи не е нарушена понудата од Блискиот Исток, а побарувачката може да падне поради слабоста на најголемите светски економии.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 6,2 отсто, на 84,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 5,9 отсто, на 80,50 долари.

Конфликтот меѓу палестинската организација Хамас и Израел досега не го наруши снабдувањето со нафта од Блискиот Исток.

– Нафтениот пазар ќе следи дали ќе има знаци за ескалација на тензиите на Блискиот Исток, особено на либанската граница, со оглед на честите напади на Хезболах – изјави Фиона Цинкота од Сити Индекс.

Доколку конфликтот се прошири во регионот, може да дојде до прекин на испораките на нафта. Но, тоа засега не е случај. – За пазарот овој конфликт моментално е во втор план бидејќи не влијаеше значително ниту на побарувачката, ниту на нарушувањето на понудата – вели Џон Килдаф, партнер во компанијата Агаин капитал.

Трговците минатата недела беа фокусирани на монетарната политика. По агресивно зголемување на каматните стапки во последната година и половина, американската централна банка ФЕД, како и британската, минатата недела ги оставија каматните стапки непроменети.

Со оглед на тоа што инфлацијата во западните земји постепено се намалува, на пазарите преовладуваше тезата дека циклусот на покачување на каматните стапки е завршен.

Ова го поддржа растот на цената на нафтата во средината на неделата, но подоцна цените паднаа бидејќи низа податоци покажаа дека растот на најголемите светски економии забавува, што ќе ја ослаби побарувачката за „црното злато“.

Така, извештајот, објавен во петокот, покажа дека вработеноста во САД ослабела во октомври, додека платите пораснале помалку отколку во септември, што најавува слабеење на побарувачката.

Ова го најавуваат податоците кои укажуваат на забавување на растот на економијата на еврозоната.

Трговците беа загрижени и од неочекуваниот пад на активноста во кинеската индустрија во октомври. И низа други податоци покажаа дека кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, расте побавно од проценетото, пишува „Си Биз“.

По минатонеделниот пад, цената на барелот на лондонскиот пазар сега е во минус во однос на почетокот на годината за околу 1 отсто, додека американскиот пазар и натаму е во плус, но само околу 0,3 отсто.

Можеби ќе ве интересира...

Министрите за финансии на ЕУ ги поддржуваат амбициозната стратегија за надградба на силните страни на Групацијата ЕИБ, фокусирањето на осумте приоритети

BiznisPRO

Германската инфлација во јануари беше најниска во последните две и пол години и падна на 2,9 отсто

BiznisPRO

Цените на храната во светот пораснаа за 30 отсто

BiznisPRO