Замрзнати цени во маркетите до нова година – маркетите ќе може да прават акции

Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговија на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед.

Според владината одлука, мерката за намалување на цените на дел на основните прехранбени производи, означени со „гарантирана цена“, наместо до 30 ноември, ќе се применува до крајот на годината, односно до 31 декември.

Одлуката е донесена на предлог на Министерството за економија, по консултации со бизнис секторот, а со цел заштита на потрошувачите од евентуално повторно зголемување на цените.

Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Владата донесе и Одлука за престанок на важењето на Одлуката за забрана на трговците да вршат трговија со одредена стока.

Со оваа владина одлука, производителите, дистрибутерите и трговците ќе имаат можност да ги стават сите земјоделски и прехранбени производи на акција и промоција.

И оваа одлука е донесена на предлог на Министерството за економија, по направени консултации со бизнис секторот, а во интерес на граѓаните да има акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција) на производите.

Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Можеби ќе ве интересира...

Курсна листа на НБРМ: Колку чини еврото денес?

BiznisPRO

Цената на златото расте

BiznisPRO

Нова рекордна недела за БРАКО – 17 испорачани возила во европски земји

BiznisPRO